Ahmet Gürhan Kartal
16 Јануари 2019•Ажурирај: 17 Јануари 2019
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Тереза Мај и нејзината Влада зедоа голема победа во Парламентот на Велика Британија. По синоќешниот неуспех, кога беше отфрлен нејзиниот предлог за Договорот за Брегзит, вечерва пратениците гласаа за доверба на владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Доверба на владата ѝ дадоа 325 пратеници наспроти 306 кои гласаа за смена. Речиси сите пратеници од Конзервативната партија ја поддржаа владата на Меј, иако дури 118 од нив вчера гласаа против нејзиниот договор за напуштање на Европската Унија.
Демократската унионистичка партија, владиниот партнер и најголемата партија во Северна Ирска, исто така, гласаше за доверба на Меј. Лабуристичката партија, Шкотската национална партија и Либералдемократите гласаа против.
Предлогот да се гласа за доверба на премиерката Меј беше поднесен вчера од страна на лидерот на Лабуристичката партија Џереми Корбин. Поразот на вчерашното гласање е најтешкиот што го преживеала некоја влада во историјата на Велика Британија.
Дебатата пред денешното гласање за доверба доведе до повик за распишување на нов референдум за Брегзит и нови општи избори, но премиерката Меј категорично ги отфрли двете барања.
Се очекува Меј в понеделник да го информира Парламентот на Велика Британија за следните чекори поврзани со Брегзит и да го открие својот таканаречен план Б.
Велика Британија ќе ја напушти Европската Унија на 29 март оваа година.