Ömer Aydın
01 Мај 2018•Ажурирај: 02 Мај 2018
ПАРИЗ (АА) - ОМЕР АЈДИН -
Бројот на бегалците кои живеат во шатори во различни подрачја на францускиот главен град Париз, постојано се зголемува, секој ден во камповите просечно доаѓаат нови 80 бегалци, пишува Anadolu Agency (AA).
Бројот на бегалците кои живеат во шатори и бараки, претежно во северниот дел на Париз, започна да се зголемува со почетокот на пролетта.
Во градот привлекуваат внимание три подрачја во кои живеат бегалците. Бројот на бегалците кои долго време се собираат покрај каналот Сен-Дени во подрачјето на паркот „Де ла Вилет“, во последните денови е значително зголемен.
Гувернерот на регионот Ил де Франс, соопшти дека кампот, кој од 2015 година е 30 пати евакуиран, ќе биде повторно евакуиран во наредните недели.
Од друга страна, околу илјада бегалци живеат во шатори и бараки во двата бегалски кампа кои се наоѓаат во подрачјето на паркот „Порт де Клигнакорт“, во северниот дел на Париз. Во кампот „Жорес“ и во кампот „Поисониер“ живеат претежно бегалци од Еритреја, Судан и Авганистан, кои чекаат да им се подаде рака на помош.
Откако на 30 март беше затворен Прифатниот центар „Ла Шапел“, кој претходно беше отворен за бегалците од страна на државата, лицата кои живееја тука, останаа на улица.
Весникот „Ле Парисиен“ (Le Parisien) пишува дека бројот на бегалците кои живеат покрај реката или под мостовите во северниот дел на градот, изнесува 3.000, и дека во пролет оваа бројка дневно во просек се зголемува за 80 лица.

- 70-дневен марш во Кале, покрај границата со Италија -
Здружението „Auberge des Migrants“ денес започна 70-дневен марш кој започна од градот Винтимиле, кој се наоѓа на границата меѓу Италија и Франција, со цел да се даде поддршка на бегалците.
Претставниците на ова здружение истакнаа дека маршутата е долга 1.600 километри, додека долж маршрутата се одредени 59 точки, каде што ќе се организираат активности со цел да се солидаризираат со бегалците.
Се истакнува дека во рамките на маршот ќе се следи маршрутата користена од бегалците кои доаѓаат од Африка, и преминувајќи го Средоземното Море цел им е првин да пристигнат во францускиот град Кале, а потоа да преминат во Велика Британија.
- „Една нехумана ситуација“ -
Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, во петокот го посети местото каде што се наоѓа кампот, и при тоа, истакна дека не е прифатливо Франција, со население од 70 милиони лица, да не може да прифати неколку илјади бегалци.
„Дали честа на Франција е да ги остави на улица овие жени и деца? Ова е една нехумана ситуација, како за бегалците, така и за жителите на ова место“, рече таа, и ја повика Владата да најде ефикасно решение.
Идалго нагласи дека меѓу бегалците започнуваат да се шират заразните болести.