Ivana Ramadanova
12 Мај 2016•Ажурирај: 13 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - По повод Европската недела за независно живеење на лицата со хендикеп денеска во Скопје се одржа работилница на тема „Препознавање на дискриминација врз основа на хендикеп“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите целта на оваа работилница е да го претстави концептот на недискриминација кон лицата со хендикеп, на лицата со хендикеп, бидејќи како што велат препознавањето на дискриминацијата врз основа на хендикеп од самите лица со хендикеп е многу важен чекор кон понатамошното остварување на првата на овие лица.
„Денешната работилница е организирана да им појасни на лицата со хендикеп што значи тоа дискриминација, каде можат да побараат заштита и кои се најефективните механизми за заштита од дискриминација. Македонското здружение на млади правници соработува со Полио плус веќе долги години, а работи во полето на заштита од дискриминација, веќе шест години. До сега има поддржано на 30 постапки за заштита од дискриминација", изјави Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ, координатор на проектот за заштита од дискриминација.
Најчесто се обратиле по основ во работните односи, системската дискриминација која постои на граничните премени која е најчеста кон Ромите и лицата со ментална и телесна попреченост.
До сега во седум случаи е утврдена дискриминацијата. Последниот случај каде што е утврдена дискриминација е по основ на личен статус односно бременост. Во однос на хендикеп утврдена е дискриминација во Основен суд Делчево на лице со телесна попреченост каде што Општината беше должна да му изгради тротоар и рабници пред куќата.
Дискриминацијата врз основа на хендикеп, како една од клучните заштитни карактеристики со Законот за спречување и заштита од дискриминација, во своите најчести појавни форми опфаќа непристапни и недостапни градби, околина и јавни површини за непречено движење на лицата со хендикеп, сегрегирано образование во „специјални“ училишта за овие лица, сегрегирано вработување во „заштитни“ фирми, како и значителна системска и законска дискриминација во повеќе сфери на живеењето.
„Во Полио Плус континуирано и секојдневно се обраќаат граѓаните со хендикеп, како и родителите на децата со хендикеп кои што во секојдневието се соочуваат со дискриминација, маргинилизација и сегрегација. Најчеста дискриминација има во полето на вработувањето, меѓутоа низ разговорите можете да видите дека тие се соочуваат со дискриминација и во секојдневниот живот во сите области", вклучувајќи го и образованието, изјави Елена Кочоска од Полио Плус.
Работилницата е во организација на Полио Плус – движење против хендикеп, поддржан од програмата Цивик Мобилитас и Балканската независна мрежа на организации на лица со хендикеп (БИДФ), во соработка со Македонското здружение на млади правници, во рамки на проект поддржан од Фондацијата отворено општество од Будимпешта.