Ivana Ramadanova
26 Септември 2016•Ажурирај: 27 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски, денеска во Скопје ја отвори работилницата на тема „Избор на локација за централен објект за управување со отпад во Источниот и Североисточниот плански регион“, јавува Anadolu Agency (AA).
Темелковски истакна дека целта на работилницата е да се претстават најновите случувања во рамките на проектот, со фокус на предложените локации за идните објекти за управување со отпад.
„Оваа работилница е многу важна во оваа фаза на проектот за Источниот и Североисточниот регион околу изборот на локациите за регионалните депонии. Предвидени се неколку локации, а веднаш по завршувањето на оваа фаза, следуваат наредните фази со кои ќе дојде до побрзо решавање на интегрираното управување со отпад во овие два региона. Воедно, тоа ќе биде еден поттик и пример за останатите региони, бидејќи во моментот тече проектот за завршување и формирање на регионалните планови за управување со отпад во четирите региони коишто одат по иста постапка“, истакна Темелковски.

Тој нагласи дека изборот на соодветна локација за инфраструктура за управување со отпадот, особено за депонии, секогаш е прашање што предизвикува голема загриженост во секој систем за управување со отпад, додавајќи дека при несоодветен избор на локација, може да се предизвика лош имиџ и репутација што ќе влијае врз работата на депониите.
„Изборот на локацијата за депонија е постепен процес, кој е потребен со цел процесот за избор на локација за депонија да е транспарентен и да се заснова на цврсти технички, еколошки и финансиски критериуми. Покрај ова, изградбата на ифраструктурата треба да се спроведе на начин на кој ќе обезбеди апсолутна заштита на животната средина и јавното здравје. На овој начин јавноста ќе може да го прифати изборот и ќе се избегнат доцнења во градењето на објектите за отстранување и третман“, рече Темелковски.
Проектот почна да се спроведува од јануари 2016, а ќе трае до април 2017 година. Тој е финансиран од страна на Европската Унија.
Проектот се спроведува од страна на компаниите „ЕПТИСА сервициос де ингенериа“ (EPTISA Servicios de Ingenieria) од Шпанија и ЕПЕМ С.А. (EPEM S.A.) од Грција, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, како и Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад и општините на двата региона.