Halil İbrahim Başer
07 Јуни 2016•Ажурирано: 07 Јуни 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 11 лица загинаа, а 36 се повредени во бомбашкиот напад врз полициско возило, кој се случи утринава во централниот кварт Везнеџилер, во Бејазит, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа информација ја потврди и гувернерот на Истанбул, Васип Шахин, кој го посети местото на експлозијата. Во изјавата за медиумите, Шахин истакна дека дека нападот врз полициското возило е изведено со автомобил-бомба.
„Нападот е изведен со помош на автомобил полн со експлозив. Од експлозијата загинаа седум припадници на полицијата и четири цивили. Во несреќата повредени се 36 лица, од кои тројца потешко“, соопшти Шахин.
По експлозијата, полицијата ги блокираше околните улици а пристап до местото на експлозијата им е дозволен само на полицијата и екипите на брзата помош. Улицата во која се случи терористичкиот напад е целосно блокирана. Не работи ниту метрото кое минува низ овој кварт.
Потсетуваме дека квартот Везнеџилер се наоѓа во историскиот дел на Истанбул. Во квартот можат да се забележи движење на хеликоптер и дрон.
Во Анкара во тек е состанокот на премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, со министерот за внатрешни работи, Ефкан Ала.