Ayhan Şimşek
23 Август 2018•Ажурирај: 23 Август 2018
БЕРЛИН (АА) - Германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, предложи мерки против доминацијата на Соединетите Американски Држави (САД) во глобалните финансии, како резултат на растечките несогласувања помеѓу Вашингтон и Берлин во врска со Договорот за нуклеарната програма со Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во статија за дневниот весник „Handelsblatt“ (Ханделсблат), Мас го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп за воведувањето еднострани санкции кон Иран, без консултации со европските сојузници.
„Од суштинско значење е да ја зајакнеме европската автономија со воспоставување канали за плаќање, независни од САД, Европски монетарен фонд и независен СВИФТ систем [на плаќање]“, истакнува тој.
Мас, исто така, ги повика партнерите од Европската Унија да го задржат меѓусебното единство и да водат заедничка политика кон САД во однос на актуелниот спор за санкциите.
„Во оваа ситација, од стратешко значење е јасно да му ставиме до знаење на Вашингтон дека сакаме да работиме заедно.“
„Но, исто така: Нема да ви дозволиме да делувате над нашите глави и на наш трошок. Затоа, беше правилно да ги заштитиме европските компании законски, од санкциите“, вели тој.
Германската канцеларка Ангела Меркел го поддржа повикот на Мас за единство меѓу Европејците и за посилна улога за Европската Унија, но, исто така, ја истакна претпазливоста во однос на плановите за изнаоѓање европска алтернатива на платниот систем СВИФТ, каде што доминираат САД.
„Трансатлантските релации се менуваат, мораме да преземеме поголема одговорност. Ние Европејците мораме да ја земеме нашата судбина во свои раце“, изјави Меркел на прес-конференцијата во Берлин.
Потврдувајќи ги растечките разлики со администрацијата на Трамп во однос на бројни меѓународни прашања, вклучувајќи го и Договорот за нуклеарната програма, Меркел истакна дека санкциите на САД кон Иран предизвикаа проблеми во врска со СВИФТ системот.
„Но, во исто време, знаеме дека договорот за СВИФТ системот е многу значаен, особено во однос на финансирањето на тероризмот“, истакна таа, додавајќи дека на Европејците сè уште им е потребна блиската соработка со САД за прашањата од безбедносен аспект.