Ekipa
30 Октомври 2016•Ажурирај: 31 Октомври 2016
КИШИЊЕВ (АА) - Околу 3,5 милиони граѓани на Молдавија на денешните избори бираат претседател за првпат во изминатите 20 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Многу аналитичари тврдат дека со денешното гласање Молдавците ќе ја одредат позицијата на нивната земја на раскрсницата кон Европската Унија, или таа поранешна советска република ќе биде „вратена во руската орбита”.
Гласачките места, кои се отворени во 07:00 часот, ќе бидат отворени до 21:00 часот, по што до полноќ се очекуваат официјалните резултати. Ова е првпат од 1977 година, шефот на државата да биде биран со општо право на глас. Фаворит за функцијата претседател, од девет кандидати е Игор Додон, лидер на Социјалистичката партија.
Доколку ниеден кандидат не го освои мнозинството, следува вториот круг на избори, закажани на 13 ноември.
Последните политички и економски превирања во Молдавија започнаа во 2014 година кога, во пресрет на парламентарните избори, од три државни банки исчезнаа над една милијарда долари. Потоа следуваа масовни демонстрации и судири на граѓаните со полицијата. Со тоа кулминираше долгогодишното незадоволство на граѓаните на Молдавија, која е најсиромашна европска земја.
Податоците на Светската банка покажаа дека речиси 41 отсто од населението живеат со пет долари дневно.