Ivana Ramadanova
10 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) – Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со илјадници граѓани кои протестираат против платформата на албанските партии во Македонија, денеска по 43 пат маршираа до Собранието на РМ, јавува Anadolu Agency (AA).
Тие и денеска порачаа дека протестираат за зачувување на унитарноста на државата бидејќи, како што велат, на граѓаните им е подметната платформа на албанските партии.
Протесниот марш кој започна од пред Владата, продолжи покрај народната канцеларија на претседателот Ѓорги Иванов, а заврши пред Законодавниот дом.
Организаторите на протестите порачаа дека ќе протестираат сѐ додека е потребно. Не отстапуваат од барањата и, како што порачаа, се за зачувување на мултиетничка и унитарна Република Македонија
Насобраните граѓани со транспаренти и знамиња во рацете побараа нови избори и спроведување на попис на населението на Македонија, нагласувајќи дека „никој не смее да се меша во државните работи на Македонија“.
Организаторите потенцираа дека народот е едногласен и дека нема да дозволат да се избере претседател на Собранието којшто ја поддржува платформата на албанските партии.