Canberk Yüksel
18 Септември 2017•Ажурирај: 18 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди за тешките последици што би можел да ги предизвика најавениот референдум за независност на Курдската регионална управа на северниот дел на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Генералниот секретар верува дека секоја унилатерална одлука за референдумот би можела само да ја загрози победата над терористите на ДЕАШ, како и процесот на обнова на ослободените територии и создавањето услови за враќање на повеќе од три милиони бегалци“, соопшти портпаролот на Секретаријатот на ОН, Стефан Дујариќ.
Дујариќ нагласи дека генералниот секретар на ОН ги почитува суверенитетот и територијалната целовитост на Ирак, и рече дека сите несогласувања меѓу федералната ирачка Влада и Курдската регионална управа треба да бидат решавани врз основа на дијалог и компромис.
„Генералниот секретар на ОН ги повикува сите лидери во Ирак да ја надминат кризата со дијалогот и со трпеливост. ОН е подготвен да го поддржи таквиот процес“, порача Дујариќ.
Властите на Курдската регионална управа најавија дека на 25 септември ќе одржат референдум за независноста на тој регион, а владата, парламентот и Советот за национална безбедност на Ирак остро ја осудија таа одлука и донесоа забрана за одржување на референдумот кој е спротивен со уставот на земјата.
Премиерот на Ирак, Хајдар ал Абади, предупреди дека ирачките сили се подготвени и за воена интервенција, а речиси сите земји и меѓународни организации се противат на загрозувањето на целовитоста на Ирак. САД и Турција се меѓу погласните противници на понатамошната дестабилизација на Ирак. Досега само Израел го поддржа забранетиот референдум во Ирак.