Ivana Ramadanova
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска истекува рокот за распишување на локалните избори од страна на македонското Собрание, што значи дека денеска законодавниот дом треба да ја продолжи Конститутивната седница да избере нов претседател кој би ги распишал локалните избори во мај, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во месец мај“, стои во член 16, став 1 од Изборниот законик.
Дополнително се наведува дека од денот на распишувањето до денот на одржувањето на изборите не може да поминат повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена. Право да распише избори има само претседател на Собранието кој е изгласан од најмалку 61 пратеник од актуелниот парламентарен состав.
Уставот дозволува Собранието со двотретинско мнозинство да изврши измени во Изборниот законик и локалните избори да се одложат.
„Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“, се вели во амандманот 16 од Уставот.
СДСМ и ДУИ, заедно со БЕСА и Алијансата за Албанците обезбедија парламентарно мнозинство. Засега ниту една од парламентарните партии не поднела барање за свикување седница за избор на органите на Собранието.