Ekipa
04 Февруари 2016•Ажурирај: 05 Февруари 2016
ЛОНДОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ќе издвојат 900 милиони долари помош на загрозеното население од Сирија и нејзините соседни земји со цел да се соочат со последиците од сириската криза, најави американскиот државен секретар Џон Кери, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кери американската помош ја најави на донаторската конференција која се одржува денес во Лондон со цел да се соберат што повеќе средства за помош на оние кои се погодени со војната во Сирија.
Околу 600 милиони долари ќе бидат издвоени за храна, прифаќање и сместување на бегалците, додека 290 милиони долари ќе се употребат за едукација во Јордан и Либан, каде што моментално се наоѓаат околу 300.000 сириски бегалци.
Истовремено и германската канцеларка Ангела Меркел соопшти дека Германија планира да издвои 2,3 милијарди евра за помош на Сирија до 2018 година. Како што пренесуваат британските медиуми, Меркел кажала дека Германија само за оваа година ќе издвои 1,1 милијарди евра.
Заеднички домаќини на денешниот собир се Велика Британија, Норвешка, Кувајт и Обединетите нации.
Во текот на разговорите учесниците ќе бидат повикани да одвојат нови средства за погодените со војната во Сирија а тоа ги вклучува и нивните соседи и зоните на судири.
На конференцијата ќе се разгледуваат и начините за создавање на услови за вработување и школување на луѓето кои биле присилени да ги напуштат своите домови во Сирија.
Турција, која прифати најголем број сириски бегалци, над два милиона, на конференцијата ќе ја претставува премиерот Ахмет Давутоглу.
Барањето за вкупната помош претставено во Лондон ќе изнесува девет милијарди долари. Во таа сума е вклучено и координираното барање на ОН од десетина хуманитарни агенции, кое изнесува 7,73 милијарди долари, додека барањето на владата домаќин изнесува 1,23 милијарди долари.