ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган зборуваше на 2. Меѓународен самит на жените и правдата, кој го организираше Здружението за жени и демократија (КАДЕМ) и Министерството за семејство и социјална политика. Тој учестуваше и на првиот самит, каде што го поздрави ставот на КАДЕМ за новите погледи кон проблемите на жените, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган истакна дека според исламското верување, светот настанал од Адам и Ева и денеска на светот има околу 7,5 милијарди луѓе. „Можете да забележите дека со иста почит им се обраќаме и на Адам и на Ева. Според Куранот, нас Господ нѐ создал од еден маж и од една жена. Видете, нема одредби како ‘мажот е супериорен над жената’ или ‘жената е супериорна над мажот’. Туку спротивно, постои еднаквост во создавањето. Супериорноста може да биде изразена само во побожноста кон Господ. Ја отфрламе секоја навреда и понижување само поради половата различност“.
- „Ако претерате, ќе бидат отворени и вратите на граничните премини“
Околу препораката на Европскиот парламент привремено да бидат запрени преговорите за членството на Турција во ЕУ, претседателот Ердоган истакна:
„Во моментов, милиони дечиња како Ајлан чекаат одговор, очекуваат сочуство и милост. Дали се прави нешто околу тоа? Не. Погледнете во Африка, под и над Сахара. Милиони бебиња, мајки, од 7 до 70, сите се во исчекување на решението. Не се прави никаков исчекор. Ќе ви кажам кој е чекорот што се прави. Дали Турција да влезе во Европската Унија или не? Тоа се прави во моментов. Зошто? Затоа што Ердоган ја зборува вистината. За жал, има големи недоследности околу важноста на природата и големината на проблемите во светот. Судирите што се случуваат во земјите како Сирија, Ирак, Авганистан, Либија, Сомалија, во светски рамки се прикажуваат само од аспект на судир на интереси, големината на прогонот, пролеаната крв и заканата од бегалците. Доколку не постоеше проблемот со бегалците, верувајте дека оваа човечка драма можеби и немаше да дојде на дневен ред во светот“.
Претседателот Ердоган изјави: „Вие никогаш кон човештвото не се однесувавте искрено, искрено не гледавте кон луѓето. Вие не го зедовте детенцето Ајлан од крајбрежјето на Средоземното Море. Ние храниме 3,5 милиони бегалци во оваа земја. Не го исполнивте дадениот збор. Кога 50.000 бегалци застанаа на граничниот премин Капикуле, веднаш се испаничивте и почнавте да зборувате: ‘Што ќе правиме доколку Турција ги отвори граничните премини’. Погледнете ме, треба да знаете дека доколку продолжите, ќе ги отвориме граничните премини. Треба да знаете дека такви закани ниту јас, ниту мојот народ не прифаќаме“.
- „Светот е поголем од 5-темина“
Претседателот Ердоган за светската политика рече: „Ова треба сите заедно да го одбраниме, но притоа не треба да се плашиме од никого. Но за жал, во светот постојат земји коишто размислуваат: ‘Доколку ние речеме такво нешто, што ќе кажат овие’, или ‘Доколку кажеме такво нешто, што ќе кажат оние’. Сѐ додека така размислуваме, нема да постигнеме ништо. Наместо вечно да живееш во страв, подобро е еден ден да живееш како маж, но притоа мислам и на жените, не правам поделба“.
- „Очигледно е каде ја донесовме Турција во овие 14 години, колку што сме на власт“
Претседателот Ердоган на Меѓународниот самит на жените и правдата го рече следното: „Предупредувајќи ја Европската Унија, свесни сме за цената што треба да се плати во оваа борба за правда што ја водиме во име на нашиот народ и во име на целото човештво. Но за жал, лидерот на главната опозициска партија во нашата земја се заканува со зборовите ‘Ова се санкции, по ова ќе следат други санкции’. Зарем оние што 53 години не ги отвора вратите на Европската Унија прават санкции кон нас? Доколку вовеле санкии, што постигнале? Пропаднавме ли, потонавме ли, се урнавме ли? Стоиме исправено. Очигледно е каде ја донесовме Турција во овие 14 години колку што сме на власт. Ќе стоиме исправено и ќе го продолжиме нашиот пат“.
„Се надевам дека новата Турција ќе ја изградиме заедно со жените од нашата земја. Заедно со жените од нашата земја, ќе воспоставиме безбедна, мирна, перспективна и фер иднина во секој дел од земјата. Се надевам дека Меѓународниот самит на жените и правдата ќе стане симбол на оваа борба“, рече претседателот Ердоган.
news_share_descriptionsubscription_contact
