Elif Küçük
28 Октомври 2018•Ажурирај: 29 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, истакна дека секој успех во демократскиот и економскиот прогрес на Турција претставува светилка на патот кон просперитетна иднина на земјата, и дека таква светилка е и новиот аеродром, кој ќе биде отворен утре во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод Денот на републиката, кој се одбележува утре како 95-годишнина од основањето на современата турска држава, турскиот претседател Ердоган им го честита националниот празник на сите граѓани и пријатели.
„Со остварувањето на визијата за развој за 2023 година ќе го крунисаме големиот пат кој нашиот народ го помина од Селџуците, преку Османлиите до основањето на младата Република Турција. Со визиите за 2053 и 2071 година сето тоа ќе го подигнеме на уште повисоко ниво“, порача Ердоган.
Ердоган во пораката му одаде почест на оснивачот на Републиката, Мустафа Кемал Ататурк, и на сите турски херои кои извојуваа победа во војната за независност и 29 октомври 1923 година го прогласија за Ден на републиката.
Турскиот претседател им одаде почест и на сите турски шехиди и ветерани кои ја бранеа татковината чија секоја педа е натопена со крв и пот.
„Во сеќавањето на народот и на државата вечно место имаат и сите борци кои загинаа во борбата против тероризмот и во борбата против воениот пуч на 15 јули 2016 година“, наведе Ердоган.
Истакнувајќи дека секој успех на Турција е важен за целото човештво, а особено за сите обесправени и угнетувани кои имаат надеж во Турција.
„Турција моментално е 17-тата најголема економија во светот, и најголем хуманитарен донатор во однос на националниот доход и издвојувањето на средства за хуманитарни потреби“, порача Ердоган.
Тој нагласи дека Турција е единствената земја која ширум им ја отвори вратата и срцата на сите бегалци кога другите земји на границите испраќаа војски, и додаде дека на Турција за тоа доволно и е во историјата да биде запаметена како земја која им ја отворила вратата и го поделила лебот со загрозените луѓе.
„Никогаш нема да се откажеме од своите чесни ставови и нема да дозволиме на тој пат да ни се попречат какви било препреки, саботажи и игри. Со сета сила ќе работиме Република Турција да ја направиме просперитетна и вечна“, порача Ердоган.