Burak Dağ
30 Март 2021•Ажурирај: 31 Март 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турските безбедносни сили денес од слобода лишија 120 лица за кои постои сомнеж дека се поврзани со терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларијата на обвинители во Истанбул, по откривање на комуникација во терористичката организација ФЕТО, како и исказ на сведоците, издаде налози за приведување на 115 осомничени, меѓу кои и воени лица во активна служба, пензионирани или суспендирани. Во операцијата која е организирана во 25 градови, со фокус на Истанбул, од слобода се лишени 66 лица.
Покрај тоа, полицијата во Анкара уапси 54 лица осомничени за поврзаност со ФЕТО, откако обвинителството издаде налог за приведување на 77 лица во 29 области, во врска со местењето на испитите за полициски службеници во 2012 година. За останатите се трага и понатаму.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.