Enes Kaplan,Zafer Çakmak
11 Ноември 2016•Ажурирај: 12 Ноември 2016
МИНСК (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Минск порача дека во дел од земјите во Европа, со голема брзина се шират болестите како нетрпеливост и омраза кон другите и кон различното, јавува Anadolu Agency (AA).
„Луѓето се дискриминирани поради својот идентитет, начинот на облекување и верата. Жртви се на дискриминирачка политика и наследство. Сите сме сведоци на човечката драма што ја доживуваат оние кои доаѓаат на европските граници бегајќи од земјите зафатени со војна“, изјави Ердоган на свеченоста по повод отворањето на џамијата во Минск.
Со свечената програма одржана денес, 54 години по рушењето, отворена е џамијата во Минск којашто е повторно изградена со поддршка на Турција.
На свеченоста по повод отворањето на џамијата присуствуваа претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, претседателот на Управата за верски работи, Мехмет Ѓормез, претставници на верските заедници и голем број други официјални лица.
Напоменувајќи дека денес се сведоци на историски момент, Ердоган потсети на важноста на фактот дека џамијата ја отворил заедно со претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.
Ердоган потсети и дека во Белорусија заедно живеат луѓе од различна вероисповед: „Тука различностите не се закана туку богатство, а на тоа сме сведоци денес. Луѓе од различна вера и култура работат заедно, за подобра иднина за својата земја“.
„Нема да зборувам тука за бегалците кои веќе шест години од Сирија и од Ирак доаѓаат во Турција. Ним ќе продолжиме да им бидеме засолниште, бидејќи тоа е дел од нашето верување. Не можеме да ја затвориме вратата на луѓето што бегаат од бомби. Оваа џамија тука (во Минск) исто така покажува дека овдешните муслимани ја ценат својата земја“, изјави Ердоган.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека отворањето на џамијата во Минск не претставува голем настан само за муслиманите во неговата земја, туку е голем и важен настан за сите граѓани.
Претходно во текот на денешниот ден, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган допатува во Минск, главниот град на Белорусија, каде што беше пречекан од премиерот на земјата, Андреј Кобјаков.
Освен сопругата Емине Ердоган, турскиот претседател е придружуван и од вицепремиерот Нуман Куртулмуш, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за економија, Нихат Зејбекчи, министерот за царина и трговија, Булент Туфенкчи и министерот за шумарство и водостопанство Вејсел Ероглу.
Џамијата во Минск беше срушена пред 54 години, за време на Советскиот Сојуз.