Enes Kaplan,Zafer Fatih Beyaz
24 Април 2017•Ажурирај: 24 Април 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган поднесе кривична пријава против францускиот политиколог Филип Моро Дефарж, поради неговата изјава во една ТВ-програма за „поттикнување на атентат врз претседателот на Турција“, јавува Anadoly Agency (AA).
Адвокатот на Ердоган, Хусеин Ајдин, во име на својот клиент поднесе кривична пријава на 4 страници до главното Државно јавно обвинителство во Анкара.
Во пријавата се наведени исказите на францускиот политиколог Дефарж, кој во една ТВ-програма ги кажал за претседателот Ердоган: „...Како што гледаме, се затвора правниот пат; или граѓанска војна или убиство на Ердоган, хипотеза која е тешко да се изговори. Да не го забораваме атентатот во една ваква состојба“.
Изјавите на Дефарж, како што се наведува во пријавата, покажуваат дека е потребно да се извлече поука од нивото до кое достигнало непријателството против Ердоган, коешто на Западот веќе е претворено во психоза. Исто така, според пријавата, јавното поттикнување на Дефарж за вршење атентат врз Ердоган не навлегува само во полето на интерес на правниците, туку и во полето на интерес на лекарите за ментално здравје.
- „Законски е возможно да се води истрага во Турција“
Според пријавата, изјавите на осомничениот не се само едноставни мисли, туку едно јавно поттикнување на горенаведеното кривично дело, имајќи ги предвид, како што се наведува, и претходните повици за убиство на претседателот на Турција и терористичките организации кои наоѓаат поддршка во голем број европски земји.
„Против осомничениот, правно е возможно да се води истрага и кривична постапка во Турција за кривичните дела што му се ставаат на товар“, се наведува во кривичната пријава. Во продолжение се вели дека не е неопходно сторителот да биде во Турција за да се води истрага и кривична постапка против него.
Во поднесената кривична пријава се бара да се отвори истрага против Дефарж за кривичното дело за коешто се товари, и да се испита неговото ментално здравје, во случај тој да дојде или биде екстрадиран во Турција.
Според пријавата, доколку се потврди дека неговото ментално здравје е во ред, тогаш се бара да се истражи неговата поврзаност со терористички организации како што се ПКК и ФЕТО, и да се истражи кој ја дал наредбата за атенат. Исто така, се бара врз основа на резултатите од истрагата да се поведе јавно судење против Дефарж и лицата кои се поврзани со него.