Yusuf Hatip
01 Јуни 2018•Ажурирај: 01 Јуни 2018
БРИСЕЛ (AA) - Европската Унија (ЕУ) на муслиманите од Аракан (Рохинџа муслиманите) ќе им донира 40 милиони евра хуманитарна помош, јавува Anadolu Agency (AA).
Европската комисија објави пакет помош од 40 милиони евра кој ќе биде наменет за цивилите од Аракан што се наоѓаат во тешка ситуација.
Христос Стилианидис, европскиот комесар за хуманитарна помош, соопшти дека араканската криза во која неколку стотини илјади луѓе имаат потреба од хуманитарна помош, во последните неколку месеци достигна невидени размери.
„Од 25 август 2017 година околу 750 илјади Рохинџи, повеќето од нив деца и жени, пребегаа во Бангладеш откако мјанмарските сили започнаа прогон на малцинската муслиманска заедница“, наведува „Амнести интернешнал“ (Amnesty International).
Најмалку 9.000 Рохинџи од 25 август до 24 септември 2017 година се убиени во државата Ракине, во Мјанмар, соопштија од „Лекари без граници“.
Во извештајот објавен минатиот декември глобалната хуманитарна група наведе дека 71,7 отсто, односно 6.700 Рохинџи страдаа поради последици од насилство. Меѓу нив се и 730 деца помали од пет години.
Турција од почетокот дава помош за Рохинџа бегалците, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за ова прашање говореше и во Обединетите нации.
Рохинџите, кои ОН ги нарекува најзагрозено национално малцинство на светот, се соочени со зголемен страв од напади со оглед дека десетици лица се убиени во насилните настани во 2012 година.
ОН документираше бројни силувања, убивања (вклучувајќи и убиства на бебиња и помали деца), брутално физичко насилство и исчезнување што го извршија припадниците на безбедносните сили. Во извештајот, истражувачите на ОН истакнаа дека ваквите злосторства можат да се сметаат како злосторства против човештвото.