Satuk Buğra Kutlugün
10 Мај 2018•Ажурирај: 10 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Врховната изборна комисија на Република Турција ја соопшти конечната листа на кандидати за предвремените претседателски избори што ќе се одржат на 24 јуни, а во изборната трка ќе учествуваат вкупно шест кандидати, јавува Anadolu Agency (AA).
По истекот на рокот за поднесување на кандидатурите за претстојните избори во Турција, на прелиминарна листа на претседателски кандидати се наоѓаат Реџеп Таип Ердоган, Мухарем Инџе, Мерал Акшенер, Селахатин Демирташ, Темел Карамолаоглу и Догу Перинчек.
Конечната листа на претседателски кандидати ќе биде објавена на 11 мај, до кога е можно поднесување жалби.
Турскиот Парламент во април ја усвои одлуката за одржување предвремени парламентарни и претседателски избори, кои во редовна процедура требаше да се одржат во ноември следната година. Станува збор за историски избори со кои Турција ќе премине од парламентарен во претседателски систем, што беше одобрено и на референдумот одржан во април минатата година.
Владејачката Партија на правдата и развојот (АК Parti) на изборите влегува со Народната алијанса во којашто е и Партијата за национално движење (MHP). Нивниот заеднички претседателски кандидат е актуелниот турски претседател Ердоган.
Ердоган на функцијата претседател е избран на изборите во 2014 година и е првиот директно избран претседател на Турција. Во случај на победа на изборите во јуни тој ќе биде првиот претседател на Турција со широки овластувања, со претседателскиот систем на управување, во кој веќе нема да ја има функцијата премиер.
Тој на претседателските избори ќе има пет противкандидати.
Кандидат од опозициската Републиканска народна партија (CHP) е Мухарем Инџе, а не лидерот на партијата, Кемал Киличдароглу, кој е најгласен политички опонент на Ердоган.
Кандидат од опозициската Партија IYI е лидерката на оваа релативно нова политичка опција, Мерал Акшенер. Таа за кандидатурата собра 100.000 потписи од граѓаните, за разлика од Ердоган и Инџе кои се кандидирани од партиските пратенички клубови во Парламентот на Турција.
И лидерот на опозициската Саадет партија, Темел Карамолаоглу, ги собра потребните 100.000 потписи од граѓаните за кандидатура.
Опозициската Народна демократска партија (HDP) за претседателските избори го кандидираше својот лидер, Селахатин Демирташ, кој со уште 12 пратеници од таа партија се наоѓа во притвор уште од крајот на 2016 година, поради обвинение за поврзаност со терористичката организација ПКК.
И опозициската Ватан партија ги собра потребните потписи на граѓаните и за претседателските избори го кандидираше својот лидер, Догу Перинчек.
Големото народно собрание на Република Турција неодамна усвои пакет измени и дополнувања на законот, кои се однесуваат на усогласување на нормите и спроведување на уставната реформа која е одобрена на минатогодишниот референдум, со која Турција преминува од парламентарен во претседателски систем на управување.
Со усвоениот пакет усогласен е и Изборниот закон на Турција, според кој ќе бидат одржани претстојните предвремени претседателски и парламентарни избори.
Соодветно на уставните измени, се укинува функцијата премиер, а извршните овластувања по изборот ги презема претседателот на државата. Законодавните овластувања и понатаму ќе бидат концентрирани во Парламентот, со тоа што парламентот ќе брои 600, наместо досегашните 550 пратеници.
Претседателот на државата и парламентот се бираат на мандат од пет години.
За победа на претседателските избори кандидатот мора да освои повеќе од половина од мнозинството гласови, а во случај ниту еден кандидат да не го оствари тоа, за 15 дена ќе биде одржан втор круг избори во кој би останале двајцата кандидати што ќе освојат најмногу гласови во првиот круг.