Ivana Ramadanova
17 Мај 2017•Ажурирај: 18 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес во Вилата Водно му го врачи мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната церемонија, Иванов пред присутните новинари истакна дека се отстранети пречките за доделување на мандатот за состав на влада, со што се зачувува унитарноста на државата и почитувањето на Уставот.
„Пречките за состав на Владата се отстранети. Денес пристапуваме кон исполнување на членот од Уставот за определување на мандатар за состав на Владата“, рече во своето обраќање претседателот Иванов. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, посочи дека се отстранети двете пречки за доделување на мандатот, односно претседателот на Собранието, Талат Џафери испрати писмо до претседателот Иванов за формираното парламентарно мнозинство, а тој како мандатар испорачал изјава во форма на гаранција.
„Во име на формираното парламентарно мнозинство, прво гарантираме заштита на унитарноста, сувернитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста, заштита на уставниот поредок и на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани, без оглед на религиската, етничката и јазичната припадност, почитување на основните демократски принципи и владеење на правото, не доведувајќи ја Македонија во состојба на потчинетост“, истакна Заев.
Според Уставот, во наредните 20 дена од доверувањето на мандатот, новиот мандатар Зоран Заев во Собранието треба да поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Владата ја избира Собранието, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.