Besar Ademi,Cuneyt Davut
04 Април 2016•Ажурирано: 05 Април 2016
ИДОМЕНИ (АА) - Од денес започна реализацијата на договорот меѓу Турција и Европската Унија за враќањето на бегалците и мигрантите кои илегално поминале преку Турција. Но, сеуште неизвесна иднината на околу 12 илјади бегалци кои се наоѓаат во Идомени, јавува Anadolu Agency (AA).
Раководител на односите со јавност на УНХЦР во Идомени, Лиене Веиде во врска со враќањето на бегалците и мигранти кои поминале илегално низ Турција, за АА рече дека такво нешто се уште не е дискутирано за бегалците во Идомени.
"Сите бегалци имаат право да бараат азил во Грција или во која било друга земја. Досега не е разговарано за прашањето на враќањето на бегалците кои се во Идомени. Ние чекаме како ќе функционираат процесите, но ние ќе продолжиме да придонесуваме во согласност со меѓународното хуманитарно право и правата на Европската унија ", изјави Веиде.
Таа истакна дека ситуацијата со бегалците во Идомени продолжува да се влошува, и апелираше бегалците да се транспортираат од Идомени во други кампови, бидејќи со зголемувањето на температурите може да се појават разни болести со што и онака лошата ситуација би се влошила уште повеќе.
Во меѓувреме, утрово, кампот за бегалци во Идомени го посети турскиот генерален конзул во Солун, Орхан Јалман Oкан.
Во Брисел, на 18 март оваа година Турција и Европската унија се согласија за да се борат против илегалната миграција и трговијата со луѓе. За таа цел, Турција ќе ги прими мигрантите за кои ќе се докаже дека поминале на островите на Грција од Турција. Ќе се спроведе постапка за враќање на оние кои не се од Сирија во нивните земји, додека Сиријците ќе бидат сместени во кампови во Турција, а за секој Сиријец вратен и регистрирани во Турција, еден сиријец од Турција ќе биде испратен во земјите на ЕУ. Бројот на сириските бегалци, кои ќе бидат разменети во првата фаза, се очекува да изнесува 72 илјади.
Трошоците за реадмисија и размена ќе бидат на товар на ЕУ.