Alma Çekovic
26 Декември 2016•Ажурирај: 26 Декември 2016
БАНДА АЧЕХ (АА) - Жителите на Индонезија денес ја одбележуваат 12-годишнината од кобното цунами предизвикано од земјотрес со јачина од 9,1 степени според Рихтер, недалеку од индонезискиот остров Суматра. Цунамито усмрти околу 230.000 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Се работи за една од најтешките катастрофи во модерната историја на човештвото, која истовремено погоди повеќе земји.
Ова цунами го уништи брегот и предизвика големи штети во Индонезија, преку Тајланд, Шри Ланка и Индија, сѐ до Сомалија и Африка.
Членовите на семејството и пријателите денес го посетија местото што важи за заедничка гробница на загинатите во цунамито во градот Банда Ачех во индонезиската покраина Ачех, и се молеа за душите на настраданите лица.
Во густо населениот регион Ачех, на северниот дел од островот, исчезна сѐ што им стоеше на пат на брановите. Само во Индонезија загинаа меѓу 130 и 160 илјади лица, од кои третина деца, а пак 500.000 лица останаа без домови. Потврдена е смртта на 190.000 луѓе, а пак десетици илјади се прогласени за исчезнати.
Индонезија се наоѓа во таканаречениот Огнен пацифички прстен, каде што честопати се случуваат земјотреси и вулкани.