Hakan Ceyhan Aydoğan
26 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
СОЧИ (АА) - Рускиот министер за транспорт, Максим Соколов вели дека се истражува можноста причината за вчерашната авионска несреќа да е или техничка грешка или грешка на пилотот, но дека не се истражува можноста за терористички напад, јавува Anadolu Agency (AA).
Рускиот патнички авион Ту-154 со 92 патника и членови на екипажот, кој летал за Сирија, вчера се урна во Црното Море, неколку минути по полетувањето од Сочи. Авионот на Министерството за одбрана на Русија Ту-154 го превезуваше познатиот воен хор „Александров“ на концерт во руската воздушна база во регионот Латакија.
Во Русија денеска е ден на жалост.
„Конечната причина за несреќата ќе се знае по истрагата. Денес најмногу се разгледува можноста за техничка грешка или грешка на пилотот. Она што го знаеме досега е дека повеќето верзии не вклучуваат терористички напад“, изјави Соколов, кој ја предводи комисијата формирана со цел да ја истражи авионската несреќа.
Во тек е акцијата за потрага и спасување на местото од уривањето на авионот Ту-154.
Податоците на руското Министерство за одбрана открија дека се пронајдени 11 тела и 154 делови од авионот. Во акцијата се вклучени 35 брода, 135 нуркачи и 3.500 други припадници на спасувачките екипи.
Телата ќе бидат транспортирани во Москва, каде што ќе се врши идентификација.
Експертите сѐ уште трагаат по црната кутија, која ќе открие повеќе детали за несреќата.
Во Сочи се организирани разни церемонии во чест на мртвите.
Освен шеесет и четворицата музичари, во падот на авионот загинаа и деветмина новинари, осуммина војници, еден претставник на невладините организации, двајца претставници од Министерството за одбрана на Русија и осуммина членови на екипажот.