Ekipa
27 Август 2017•Ажурирај: 28 Август 2017
АТИНА (АА) - ФУРКАН НАЏИ ТОП/МЕХМЕТ ХАТИПОГЛУ - Голем број џамии со турско-исламска архитектура во Грција, кои успеале да опстанат од Османлискиот период до денес, претежно се користат како музеи и изложбени места, пишува Anadolu Agency (AA).
Во оваа земја, каде што во текот на времето голем број историски дела од Османлискиот период се срушени или од природни катастрофи, или од страна на луѓето, голем број џамии, кои се османлиски дела претежно служат како музеи и изложбени места, додека некои од нив се напуштени.
Во главниот град на Грција, Атина, не постои официјална џамија отворена за верски обреди. Откако минатата недела заврши реставрацијата на најстарата џамија во градот, Фетхије, беше соопштено дека таа ќе се користи како уметничка галерија, со тоа што повторно дојде на дневен ред прашањето за начинот на користење на џамиите кои се затворени за извршување верски обреди.
Се претпоставува дека во Грција постојат околу 10.000 дела и остатоци од турско-исламската архитектура. Во оваа земја повеќето од десетиците џамии кои сѐ уште постојат, се затворени за верски обреди.
Одредени џамии се користат за други намени, а некои се претворени во цркви. Голем број стари градби кои датираат од Османлискиот период се претворени во судски палати или во конаци.
Џамијата Фетхије, која се смета за најстара џамија во Атина, по Османлиската администрација била користена за различни цели, како пекара или како магацин. До 2010 година во оваа џамија во подножјето на Акропол, се чуваа историски дела, потоа започнаа реставраторските работи.
Реставрацијата на џамијата Џиздерије која се наоѓа неколку стотици метри од џамијата Фетхије, сѐ уште трае. Оваа џамија која се наоѓа на туристичкиот дел од градот, на плоштадот Монастираки, служеше како музеј за керамика.
- На времето прво Собрание, а денес културен центар -
Покрај во Солун, Драма, Костур, Евбеја, Кавала, Дидимотика, Коница и Сер, и на островите во Егејот, особено на Родос и Лезбос, постојат голем број остатоци на историски дела од Османлиската архитектура како џаими, турбиња, мостови и амами, а од негрижа се претворени во руини.
Џамиите кои останале, како што се Новата џамија и шарената џамија Имарет во Солун, исто така, се користат како музеи и изложбени места.
Џамијата Агапаша која извесно време служела како собрание во првиот главен град на Грција, Нафплио, денеска се користи како културен центар, додека џамијата Вулефтико е претворена во кино и сала за конференции.
Исто така, џамиите во многу грчки градови како Јанина и Лариса и на Крит, ја имаат истата судбина. Џамијата Султан Мустафа на Родос се користи за свадбени церемонии.
Покрај Западна Тракија и на 12-те острови, во Грција не постои џамија отворена за извршување верски обреди, а муслиманите кои живеат во овие места, се принудени да ги извршуваат нивните верски обврски во подрумите на зградите или во одредени здруженија.
Сѐ уште не е познат датумот кога ќе се отвори првата официјална џамија во Атина, чија изградба сѐ уште трае. Се очекуваше отварањето да биде во април, но е одложено за крајот на годината.