Bekim Laci
07 Јуни 2016•Ажурирај: 08 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Македонија, Митко Чавков на прес-конференција информираше дека полицијата уапсила осум вработени на Економскиот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, кои, наводно, примиле поткуп во замена за давање на преодни оценки на студентите, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што најави Чавков, Одделението за гонење на организиран криминал по добивањето на информации од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и поплаките на граѓаните, односно студентите, од 2014 започна истрага за универзитетски професори кои се осомничени сторители на овие дела.
Во овој случај, МВР достави кривична пријава до јавен обвинител против осум лица на возраст меѓу 29 и 65 години, од кои шест се професори на Факултетот за економија, еден демонстратор и еден сопственик на бифето на факултетот.
Пет лица се уапсени во понеделникот, додека на тројца други денес им биле испратени покани за распит во Јавното обвинителство.
„Тие се товарат дека сториле повеќе коруптивни кривични дела, како примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање поткуп. Според документираните сознанија, пријавените во 2015 и 2016 година, заради стекнување противправна имотна корист, ја искористиле својата службена положба на начин што од студенти на Економскиот факултет Скопје директно или индиректно барале парични средства за во рамки на своите службени овластувања да извршат дејства што не би смееле да ги извршат, односно да им овозможат да се стекнат со преодна оцнека по предметите кои тие ги предаваат, без притоа студентите да покажат соодветно знаење" ,рече Чавков.
Обезбедени се докази, рече Чавков, дека осомничените во повеќе случаи побарале различни суми од студентите, кои се движеле од 500 до 1.000 евра, а за возврат им пишувале оценки кои тие не ги заслужувале. Документирани биле и случаи во кои оценки добиле студенти кои немале право да полагаат или воопшто не го пријавиле испитот во сесијата.
Министерот Чавков информираше дека полицијата извршила рација во станови и автомобили на професорите каде што нашле голем износ на пари во евра, мобилни телефон iPhone и четири индекси кои се предмет на понатамошната истрага, додека, исто така, спроведена е рација и во просториите на факултетот каде што е запленет материјал за понатамошна постапка.