Besar Ademi
23 Февруари 2016•Ажурирај: 24 Февруари 2016
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Ситуацијата со бегалците на македонската јужна граница е мирна, а во прифатниот центар во Гевгелија има само мал број на бегалци. Денеска попладне на грчко-македонската граница продолжи транзитот на бегалци од Сирија и Ирак, но не и на оние кои доаѓаат од Авганистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторката на УНХЦР во Гевгелија, Барбара Колзи, рече дека немаат информации зошто на авганистанските бегалци не им е дозволено да го користат балканскиот транзитен коридор. Таа додаде дека во моментов на македонската северна граница, во Табановце, се заглавени околу 600 Авганистанци, за кои ситуацијата останува нејасна и не се знае дали ќе се вратат во Грција.
„Сега веќе постојат некои нови критериуми за прием на бегалци. Земјите од регионот се согласија околу процесот на регистрација и потребната документација. Сепак, оваа регистрација важи само за Сиријците и Иранчаните на кои им е дозволено да ја поминат границата. За овие нови процедури, документи поседуваат само Сиријците и Иранчаните, така што само тие можат да ја поминат границата”, изјави Колзи.
Во врска со одлуката за селекција на бегалците од Авганистан сè уште нема точни информации зошто не им е дозволено да го користат овој транзитен коридор. Македонските органи велат дека ќе дејствуваат во согласност со одлуките на другите земји опфатени со бегалската криза.