Ekipa
04 Јуни 2017•Ажурирај: 05 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, по синоќешниот напад во центарот на Лондон, во кој загинаа седум лица, повика на построг став кон екстремизмот во Велика Британија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Британската премиерка утрово свика вонредна седница на Кабинетот поради трагичните настани кои се случија само две недели по самоубиствениот бомбашки напад во Манчестер, во кој загинаа најмалку 22 лица.
По состанокот таа истакна дека неодамнешните напади не се директно поврзани, но дека се потребни поостри мерки, бидејќи, како што рече, тероризмот раѓа тероризам, а напаѓачите ги копираат постапките едни со други.
„Нив ги поврзува злата идеологија на 'исламскиот екстремизам' што проповеда омраза, прави поделба и промовира секташтво. Тоа е идеологија која тврди дека нашите западни вредности, слободата, демократијата и човековите права не се во согласност со исламот“, изјави Меј.
Таа повика на постигнување меѓународен договор преку кој, со регулирање на сајбер-просторот, би се помогнало да се спречи ширењето на екстремизмот.