Ivana Ramadanova
17 Мај 2017•Ажурирај: 18 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, денес испратија писмена изјава во која ја поздравија одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за доделување на мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ја поздравуваме одлуката на претседателот Иванов за давање на мандатот за формирање влада на Заев, како важен чекор во процесот на формирање на влада. Се надеваме дека овој конструктивен дух ќе продолжи да преовладува, со цел земјата конечно да може да излезе од политичката криза. Сега очекуваме брзо формирање на влада посветена на спроведувањето на сите делови од договорот во Пржино и итните реформски приоритети“, се наведува во заедничката писмена изјава на Могерини и Хан.
Тие воедно ги повикуваат сите парламентарни партии да ги стават поделбите настрана и заеднички да работат на реформската агенда, за земјата да се врати на патот на евроатлантските интеграции. Могерини и Хан изразуваат подготвеност да ги поддржат реформските напори на новата влада.