Fatih Erkan Doğan
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
КОЊА (АА) - Турската компанија ЕЛФАТЕК од Бурса произведе повеќенаменски мини-тенк на далечински управувач, кој би можел да стане револуционерен фактор во секторот за безбедност и одбрана, јавува Anadolu Agency (AA).
Челникот на приватната компанија ЕЛФАТЕК, Бахатин Дузѓун изјави дека турската војска и безбедносниот сектор веќе го забележале новопроизведениот мини-тенк наречен АНКЕБОТ.
Станува збор за производ кој би можел да биде користен во антитерористички операции, за да ги спречи загубите на припадници на безбедносните сили со оглед на тоа што со него се управува со далечински управувач со досег до 200 метри.
„Ова е прототип што го произведовме во сопствените капацитети. Специјално е изработен со намена да учествува во безбедносните акции. Разговаравме со претставници од Генералштабот и од другите ресорни институции и тие веќе го анализираа АНКЕБОТ“, изјави Дузѓун.
Контролниот управувач на мини-тенкот има батерија со капацитет на работа од осум часа, а тенкот може да носи товар од 100 килограми. Под тој товар се движи со брзина од шест километри на час.
Од компанијата се истакнува дека првичните оцени на експертите се позитивни, и најавуваат дека наскоро сите карактеристики на мини-тенкот ќе бидат значително унапредени.
АНКЕБОТ би можел да се користи за деминирање на теренот, за откривање мини, за учество во борби, директно во вооружени судири и за транспорт на ранетите и на воената опрема на бојното поле.
Од дополнителна опрема може да носи тежок митралез и систем со камери за вечерни услови.