Besar Ademi
11 Јули 2016•Ажурирај: 12 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд, по одделните средби со четирите лидери на најголемите политички партии во Македонија потпишувачи на Пржинскиот договор изјави дека се чувствува охрабрена што ќе има напредок во разговорите за надминување на политичката криза што ја зафати земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Нуланд истакнувајќи дека од минатата година се обидуваат да најдат решение, додаде дека тоа е многу значајно за Македонија, бидејќи постои мал напредок, но дојде време за да се стави крај на ова прашање и да се стави државата во еден правец на фер и чесни избори.
„Денес се сретнав со четирите лидери на најголемите политички партии и мора да се каже дека ќе заминам охрабрена од она што го слушнав, затоа што се надеваме дека во следните неколку дена тимовите од преговорите ќе постигнат некаков вид напредок. За ова има потреба од политичка волја и оваа волја ја почувствував на денешната средба”, рече Нуланд.
Американскиот дипломат истакна дека освен со политичките лидери и специјалната јавна обвинителка, се состана и со активисти на невладини организации, и истакна дека целта на посетата на Македонија е да им помогне и да ѝ даде поддршка на земјата во процесот на зајакнување на правдата и владеењето на законот.
„Утрово имав можност да се сретнам со обвинителката Катица Јанева и со нејзиниот тим. Нејзината работа е многу важна за вистинско владеење на правото и чист правен систем во оваа земја, нешто што е од суштинско значење за постигнување на нејзините евро-атлантски интеграции и за да биде членка на ЕУ и НАТО”, изјави Нуланд.
Американскиот дипломат, Викторија Нуланд се наоѓа во Македонија за да разговара за билатерални и регионални прашања, како и поради потребата за решавање на политичката криза во земјата, поддршката за Специјалното јавно обвинителство и за создавање услови за веродостојни избори.