Ivana Ramadanova
02 Април 2016•Ажурирај: 03 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Здружението за третман на лицата со аутизам, АДХД и Апсергеров синдром „Во мојот свет“, а под покровителство на сопругата на претседателот Ѓорге Иванов, Маја Иванова, денеска во Скопје се одбележа 2 Април – Меѓународниот ден на лицата со аутизам, јавува Anadolu Agency (AA).
На настанот се обрати сопругата на претседателот Ѓорге Иванов, Маја Иванова, која исткна дека за поефикасно справување со аутизмот потребно е фокусирање на раната дијагностика и превенција, повеќе дневни центри низ Македонија за децата со аутизам и пред сè, отворање дијагностички центар за аутизам и оформување регистар на лица со ова нарушување во Македонија.
„Вниманието треба да го посветиме на раната дијагностика и раната превенција, на отворање повеќе дневни центри низ Македонија каде ќе може децата да се собираат и да имаат посебни активности, стручна подготовка и обука на стручен медицински персонал кој ќе работи со лицата со аутизам. Пред сè, многу e битно, креирање на еден регистар колку луѓе имаме во Македонија со аутизам, и она што е најзначајно е отворање на дијагностички центар за аутизам за којшто се надевам дека во најскоро време ќе биде отворен”, рече Иванова, додавајќи дека и Кабинетот на Претседателот годинава ќе се вклучи во меѓународната кампања „Да се обои светот во сино“ за поддршка на лицата со аутизам.
Горан Петрушев, претседател на Здружението на дефектолози на Македонија, исто така, смета дека од клучно значење е отворањето Дијагностички центар за аутизам.
„Во моментов сите здруженија работат на лобирање за отворање Центар за аутизам, во кој би се вршела дијагностика и третман на лицата со аутизам во нашата држава. На овој план работите се движат напред бидејќи сите чинители се заинтересирани и знаат дека тоа е потребно и се надеваме дека оваа или наредната 2017 година тој ќе се отвори”, рече Петрушев.
Втори април се одбележува како светски ден посветен на информирање и активизам за аутизмот, почнувајќи од 2008 година. Воведен е со одлука на Генералното собрание на ОН, усвоена на 18-ти декември 2007 година, по предлог на Катар и поддржана од сите земји-членки.