Ekipa
05 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
МАДРИД (АА) - Врховниот суд на Шпанија го повлече денес европскиот налог за апсење на поранешниот каталонски претседател Карлес Пуџдемон и четворицата членови на неговата влада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Поранешниот каталонски челник се товари за поткопување на државниот систем, за бунт и злоупотреба на јавните добра.
Тој со уште некои сменети каталонски официјални лица побегна во Белгија откако централните власти од Мадрид ја суспендираа одлуката за отцепување на покраината и целокупата локална власт на Каталонија, по едностраното прогласување на независност на тој шпански регион на 27 октомври.
Од судот наведоа дека каталонските политичари покажале подготвеност да се вратат во Шпанија за да се кандидираат на изборите на 21 декември.
Порпаролот на Врховниот суд на Шпанија изјави дека петмината поранешни каталонски официјални лица би можеле да бидат уапсени доколку се вратат во Шпанија, бидејќи и понатаму се товарат за поткопување на државниот систем.
Националните, европските и меѓународните потерници се распишани на 3. ноември откако беа уапсени членовите на владата на Пуџдемон, кои останаа во Шпанија.
Двајца поранешни членови на владата, меѓу кои и заменикот на каталонскиот претседател Ориол Жункерас и двајца каталонски активисти, се задржани во притвор.