Ali Murat Alhas
28 Јануари 2018•Ажурирај: 29 Јануари 2018
БАЛБЕК (АА) - Поранешниот генерален секретар на шиитското либанско движење Хезболах, Субхи Туфејли, ја пофали политиката на Турција во регионот на Блискиот Исток, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција е единствена земја која се грижи за безбедноста и единството на Сирија и нејзината надворешна политика e во согласност со очекувањата и волјата на сирискиот народ“, изјави денес Туфејли во интервјуто за АА.
Тој го пофали ставот на Турција кон неодамнешните антивладини протести во Иран.
„Турција објави дека тие ќе одбијат каков било вид на надворешно мешање во Иран и нагласи дека мирот и општествената стабилност ќе бидат сочувани во нејзиното соседство“, истакна тој.
„Анкара успешно ги надмина сите неволји и се справи со регионалните проблеми на соодветен начин“, рече тој и додаде: „Иран, сепак, не беше толку чуствителен кон некои инциденти кои се случија во Турција“.
Хезболах и Иран се главни поддржувачи на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, чии сили во 2011 година ги задушија продемократските протести со неочекувана свирепост, предизвикувајќи граѓанска војна во која загинаа десетици илјади лица, а раселени се милиони луѓе.
По водењето на движењето Хезболах од 1989 до 1991 година, Туфејли сега е гласен критичар на моменталното лидерство на групата, особено на политиката на Хезболах во Сирија.
- „'Демонската' политика на САД“ -
Поранешниот лидер на Хезболах ја осуди одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, за признавање на Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел.
„Практиката и политиката на САД е флагрантна, демонска и валкана. Интересите на САД ќе бидат сериозно, долгорочно оштетени“, вели тој.
Пресвртот во политиката на Трамп за Кудс, кој Израел го окупираше во 1967 година, предизвика бунт ширум светот и протести во неколку земји.
Туфејли го обвини Вашингтон дека е слеп кон милитантите на Хезболах кои се борат против сунитите.
Тој смета дека за оружјето на Хезболах ќе се дискутира пред либанските избори кои треба да се одржат на 6 мај.
„Денес, многу од либанските групи кои се противат на оружјето на Хезболах изразуваат загриженост, не поради тоа што тие се против тоа, туку затоа што тие самите немаат такво оружје“, вели тој.
„Либанскиот народ мора да се спаси од секташтвото и употребата на оружје“, вели поранешниот лидер на Хезболах, додавајќи дека оружјето на Хезболах претставува голема закана за либанскиот народ.
Туфејли ги обвини либанските политички групи дека се „зависници“ од странските земји.
„Иран, Саудиска Арабија, Франција и Русија ги следат сопствените проекти и интереси, не се грижат за либанскиот народ“, рече тој.