политика

Промоција на програмата ROMACTED за зајакнување на Ромите на локално ниво

Целта на Програмата е да им се даде на Ромите да одлучуваат и да бидат фактори и актери во процесот на давање одлуки на локално ниво...

Ivana Ramadanova  | 19.03.2018 - Обновена : 20.03.2018
Промоција на програмата ROMACTED за зајакнување на Ромите на локално ниво Ivana Ramadanova/AA

Skopje
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа прес-конференција за промоција на програмата ROMACTED „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“ на ЕУ и Советот на Европа, јавува Anadolu Agency (AA).

Целта на Програмата е да им се даде на Ромите да одлучуваат и да бидат фактори и актери во процесот на давање одлуки на локално ниво. За таа цел ќе се формираат акциони групи со претставници од Ромската заедница и од општината.

Според министерот без ресор, Аксел Ахмедовски, идејата е претставниците на ромската заедница да се состануваат во просториите на Општината, и да не чувствуваат бариери дека таа е затворена, туку да знаат дека е отворена за нив.

Тој истакна дека задачата ќе биде Ромската заедница да се застапува на локално и на меѓународно ниво, за да се изнајде можност за финасирање на одредени горливи проблеми поврзани со ромската заедница, додавајќи дека и во иднина ќе се прават напори и ќе се аплицира за да се добиваат финансиски средства преку разни фондови, грантови и амбасади на ЕУ.

„Без ваквата координација и меѓусебна соработка, јавните политики за подобрување на состојбата на Ромите се невозможни. Во таа насока, препорачувам да се зајакне политичкиот ангажман на локалните власти, како што е демократскиот пристап, преку активно учество на ромската заедница во процесот на планирањето, креирањето, одлучувањето и следењето на активностите и плановите, кои имаат за цел, подобрување на квалитетот на животот во нивните општини“, истакна Ахмедовски.

Според министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, соработката со Советот на Европа и со Европската Унија во целиот овој проект, значи партнерство коешто во наредниот период ќе се движи кон демократска инклузивна Македонија како европска држава.

„Мислам дека овие 12 општини, кои веќе се комуницирани преку овој проект, ќе дадат добри резултати во наредните години, затоа што ќе може да практицираат, но и заеднички да учиме што значи вистинско вклучување, кое на крајот дава резултати во унапредување на квалитетот на животот на група граѓани кои се навистина важни“, истакна Царовска.

Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, истакна дека со ваквиот проект се гради политичка волја за да се стимулираат локалните власти, а тоа е еден од главните предизвици.

„Зајакнувањето на локалните заедници е многу важно. И покрај многу интервенции, изминативе години дискриминацијата и исклучувањето на Ромите сè уште постојат и сè уште ја има во вашите општини. Како да се бориме со дискриминацијата? Прво треба вклученост во локалните власти каде што се Ромите, потоа да се зајакне спроведувањето на националната стратегија“, рече Бертолини.

Програмата во Македонија се спроведува од 2011 година и досега се опфатени вкупно 12 општини. Станува збор за Регионална програма на Советот на Европа, а во Македонија се спроведува преку Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“ и на членови на проектната канцеларија.

За реализација на оваа активност и имплементација на локалните акциски планови, Владата има обезбедено три милиони денари во рамките на Буџетот на Министерството за локална самоуправа за 2018 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın