İnci Gündağ
01 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
ЛОНДОН (АА) – Британија реагираше на ветото од страна на Русија и Кина за предлог-одлуката на Советот за безбедност при Обединетите нации (СБОН), за санкции врз режимот на Асад, бидејќи е утврдено дека во Сирија користел хемиско оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, во врска со оваа тема изјави: „Спречувањето на реакцијата на СБОН против ужасот од употребата на хемиско оружје во Сирија од страна на Русија и Кина, предизвика разочарување“.
Министерот Џонсон потсети дека СБОН преку истрага има утврдено оти режимот на Асад и ДЕАШ користеле хемиско оружје против сирискиот народ.
„И покрај поддршката од мнозинството на Советот, Русија и Кина одбраа да ги спречат санкциите. Британија заедно со меѓународните партнери ќе продолжи да бара правда за жртвите на овие опасни напади со хемиско оружје и ќе продолжи да работи на спречување на понатамошната употреба на хемиско оружје во Сирија или на друго место“, изјави министерот Џонсон.
Извештајот на ОН за утврдување на употребата на хемиско оружје во Сирија и на Организацијата за забрана на употребата на хемиско оружје покажува дека режимот на Асад трипати употребил хемиско оружје, а ДЕАШ еднаш.
Британија, САД и Франција презедоа акција во однос на извештајот и подготвија предлог-одлука за спроведување санкции против страните што се вмешани во користењето на хемиско оружје во Сирија. Преговорите траат од декември досега, а по обидот за убедување на Русија, во Советот се гласаше за предлог-одлуката, на којашто Русија и Кина ставија вето.