Mustafa Keleş
05 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
ЊУЈОРК (АА) - САД, Велика Британија и Франција предложија до Советот за безбедност на ОН (СБОН) нацрт-резолуција со која се осудува нападот со хемиско оружје што вчера во Идлиб го извршија припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад. Со нацрт-резолуцијата се бара да се започне истрага за откривање на одговорните лица.
Франција и Велика Британија вчера побараа итен состанок на Советот за безбедност на ОН, а пред состанокот, на членките им е поделен нацртот на заедничката резолуција што го подготвија САД, Велика Британија и Франција.
Не е познато дали нацрт-резолуцијата ќе биде дадена на гласање на денешниот состанок.
Русија и Кина вложија вето на сличен нацрт, за санкциите на режимот на Асад поради обвиненијата за напади со хемиско оружје, предложен на СБОН во февруари.
Во новата нацрт-резолуција, првенствено се осудуваат нападите со хемиско оружје во Сирија, особено во Идлиб.
Исто така, се бара да се пронајдат одговорните за нападите и да се спроведе истрага на Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) и на истражната комисија на ОН Здружен истреажувачки механизам (ЈИМ).
Во нацртот се бара претставниците на режимот на Асад да обезбедат информации за сите летови и воздушни операции за 4 април, како и имињата на сите команданти, и да им се дозволи на истражувачите пристап до воените објекти и разговор со воените официјални претставници.
За СБОН да ја усвои нацрт-резолуцијата, потребно е девет од 15 членки да гласаат „за“ и ниедна од петте постојани членки (САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција) да не вложат вето.
Русија досега седумпати вложи вето на нацрт-резолуцијата за Сирија.