Nazlı Yüzbaşıoğlu
06 Ноември 2017•Ажурирај: 06 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) повторно почнаа да ги прифаќаат апликациите за визи во ограничена мера, во своите дипломатски мисии во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Во електронските писма испратени од страна на информативната служба за визи на САД до некои државјани на Турција кои аплицирале за визи во дипломатските мисии на САД, се наведува дека мисијата на САД во Турција започнала да ги прифаќа апликациите за визи во ограничена мера.
„Мисијата на САД во Турција почна да прифаќа апликации за визи во ограничена мера. Апликантите кои сакаат да патуваат за САД можат повторно да закажат термин. Но, поради тоа што ќе има поограничен број на термини, може да се чека подолго од вообичаеното. Во некои случаи може да се земе итен термин. Доколку станува збор за итно патување и ако не можете да земете термин на посакуваниот датум, ве молиме да го изберете најблискиот празен термин и потоа да ги следите потребните чекори за итна апликација. Кога барате итна апликација, ве молиме наведете зошто вашето патување е итно, и зошто е откажан вашиот стар термин“, се вели во пораките испратени до лицата кои аплицирале за виза од страна на информативната служба за визи на САД.
Овој чекор е направен во пресрет на четиридневната посета на турскиот премиер Бинали Јилдирим во САД, каде што во Белата Куќа ќе се состане со американскиот заменик-претседател, Мајк Пенс.
Кризата со визите меѓу Турција и САД избувна на 8 октомври, кога амбасадата на САД во Анкара соопшти дека ги суспендира услугите за емигрантските визи за турските државјани, откако беше приведен еден локален вработен во американскиот конзулат во Истанбул, предизвикувајќи ист одговор од страна на Анкара.