Ahmet Sait Akçay
07 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Во пресрет на посетата на Вашингтон, турскиот премиер Бинали Јилдирим денес го повика американското судство да преземе итни чекори за испорачување на Фетула Ѓулен, лидерот на терористичката организација ФЕТО, одговорна за минатогодишниот неуспешен обид за државен удар, јавува Anadolu Agency (AA).
Осврнувајќи се на терористичката организација ФЕТО, премиерот на Република Турција Бинали Јилдирим за новинарите на аеродромот „Есенбога“ во Анкара изјави: „Сторено е сѐ што е потребно за испорачување на лидерот на ФЕТО. Повеќе нема место во просториите за големиот број документи“.
„Ако толку многу документи и досиеја не се доволни, тогаш мора да постои нешто друго во врска со ова прашање. Судството во САД мора да преземе итни правни дејства и да го стори она што е потребно“, рече Јилдирим.
Меѓудругото, тој порача дека за време на посетата ќе се разговара за прашањата за Сирија и за Ирак, ФЕТО и за борбата против ПЈД/ЈПГ и ДЕАШ.
„За време на посетата, конкретно ќе разговараме за прашањата за Сирија и за Ирак, во контекст на турско-американските односи, потоа за нашите барања во врска со терористичката организација ФЕТО и за следните чекори во овој поглед. Исто така, планираме отворено да дискутираме за некои од проблемите меѓу двете земји кога станува збор за борбата против ПЈД / ЈПГ и ДЕАШ“, рече премиерот Јилдирим.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот лидер Фетула Ѓулен се одговорни за минатогодишниот неуспешен обид за државен удар во којшто загинаа 250, а беа повредени 2.220 лица.
ФЕТО исто така стои и зад долготрајната кампања за соборување на власта преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.
Турција долго време ги обвинуваше САД за одолговлекување на испорачувањето на Ѓулен, велејќи дека за возврат има поднесено повеќе од доволно докази за неговата вина.
Посетата на турскиот премиер на Вашингтон се случи како последица на знаците за подобрување на односите меѓу Турција и САД.