Halit Süleyman
09 Октомври 2017•Ажурирај: 10 Октомври 2017
ДАМАСК (АА) - ХАЛИТ СУЛЕЈМАН - И покрај повремените бомбардирања, учениците во Источна Гута, која е под окупација на режимот на Башар ал Асад во Сирија, продолжуваат со нивното образование во училиштата кои се тешко оштетени во нападите, пишува Anadolu Agency (AA).
Околу 400 илјади цивили во регионот на Источна Гута, која се наоѓа во источниот дел на главниот град на земјата, Дамаск, повеќе од пет години се под блокада од страна на Асадовиот режим. Во копнените и воздушните напади во регионот, извршени од страна на режимот, оштетени се стотици училишта, а стотици други се уништени.
На средбата на 3 и 4 мај во Астана, Турција, Русија и Иран ја прогласија Источна Гута за една од четирите зони без судири. Русија на 22 јули соопшти дека стапило во сила примирјето во Источна Гута.
Покрај тоа што режимот повремено продолжува со своите напади во регионот, семејствата се охрабруваат од релативно тивката состојба и почнаа повторно да ги водат нивните деца во училиштата.
„Режимот се обиде да му се одмазди на населението, особено вршејќи напади врз училиштата кои се под контрола на опозицијата во Сирија. И покрај нападите на режимот, продолжуваме со образованието во училиштата кои се помалку оштетени. Тешко оштетените училишта во регионот сега почнаа да се реновираат од страна на локалните парламенти“, истакна во изјава за АА Хасан Ебу Мустафа, наставник во основното училиште „Тарик Бин Зијад“, кое се наоѓа во областа Дума во Источна Гута.
Мустафа вели дека една генерација останала без образование поради граѓанската војна во земјата. „Покрај сѐ, незнаењето можете да го уништите само со образование. Тука создадовме наша образовна програма, и со таа програма продолжуваме со образованието. Имаме 200 ученици во нашето училиште“, рече Мустафа.
Исто така, Мустафа истакна дека нивното училиште повеќепати било изложено на воздушни напади од страна на режимот. „Покривот на повеќе училници во училиштето е оштетен како резултат на воздушните напади на режимот. Уништени се ѕидовите на училиштето од нападите и бомбардирањата. На ѕидовите се забележуваат траги од шрапнели“, нагласи Мустафа.
Деветгодишниот ученик во основното училиште „Тарик Бин Зијад“, Салих Муса, вели дека многу го сака своето училиште, и дека иако се плаши од нападите на режимот, ќе продолжи да посетува настава.