Ekipa
09 Октомври 2017•Ажурирај: 10 Октомври 2017
ПАРИЗ (АА) - Француската министерка за европски работи, Натали Луазо, изјави дека нејзината земја нема да ја признае Каталонија, доколку оваа шпанска автономна област еднострано прогласи независност, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ако биде прогласена независност, тоа ќе биде еднoстрано и нема да биде признаена“, изјави француската министерка за европски работи, Натали Луазо.
Француската министерка кажа дека евентуалното прогласување независност на Каталонија би резултирало со автоматско излегување на оваа област од Европската Унија.
Каталонскиот претседател Карлес Пучдемон планира утревечер да се обрати во регионалниот парламент, каде што ќе расправа за актуелната политичка ситуација.
Приврзаниците за независноста на Каталонија тврдат дека во текот на парламентарната седница ќе биде прогласена независност на таа област, додека некои претставници на владината коалиција наведуваат дека таквата постапка би била само симболична.
Каталонската влада објави дека повеќе од 90 отсто од луѓето кои излегоа на референдумот на 1 октомври се изјасниле за отцепување од Шпанија, а пак централната Влада во Мадрид го прогласи референдумот за неуставен. Излезноста на референдумот изнесуваше 43 отсто.