Ekipa
13 Ноември 2017•Ажурирај: 13 Ноември 2017
СОЧИ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на денешниот состанок со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нивните чести директни состаноци во рамките на нормализирањето на билатералните односи, значително ја унапредуваат соработката меѓу Турција и Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција, Ердоган, и претседателот на Русија, Путин, се состанаа во претседателската резиденција во Сочи.
Турската делегација ја сочинуваа началникот на Генералштабот на турската армија, Хулуси Акар, министерот за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу и портпаролот на Претседателството на Турција, Ибрахим Калин.
Руската делегација ја сочинуваа вицепремиерот на Русија, Аркадиј Дворковиќ, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков и претседателот на Државната корпорација за атомска енергија на Русија (РОСАТОМ), Алексеј Лихачев.
Пред билатералната средба, двајцата лидери одржаа поздравен говор. Претседателот Ердоган рече: „Го изразувам своето задоволство, почитуван претседателе, што за многу кусо време повторно се сретнавме“.
Зборувајќи за интензивните средби во периодот на нормализирање на односите меѓу Турција и Руската Федерација, Ердоган рече дека тоа посочува на јакнење на врските меѓу двете земји и додаде: „Нашата соработка на билатерален план и нашата солидарност за регионалните проблеми се важни за нашата иднина и придонесуваат за јакнење на меѓусебната доверба. Меѓусебната политичка, економска, воена и трговска соработка секојдневно продолжува да се зголемува“.
Истакнувајќи дека двојните средби што ги остваруваат се повеќе од рутински, Ердоган нагласи дека во исто време јакне и телефонската дипломатија меѓу двете земји и соработката меѓу високите државни претставници.
„Ви се заблагодарувам за поканата. Верувам дека средбата ќе биде продуктивна“.
- Путин: „Односите во потполност се вратени на претходното ниво“ -
Претседателот на Русија, Владимир Путин, истакна дека со Турција раговараат за сите прашања, вклучувајќи ја и кризата во Сирија: „На средбите создаваме позитивно влијание кое дејствува во решавањето на проблемите“, истакна тој.
„Можеме да кажеме дека руско-турските односи веќе се вратени на старото ниво. Трговската размена, по минатогодишниот пад, во првите 8 месеци од оваа година е зголемена за 30 отсто. Турција и Русија работат заедно на сите прашања, вклучувајќи ја и кризата во Сирија“, изјави Путин.
Претседателот Ердоган му се заблагодари на Путин за поканата за заедничка средба, а своето обраќање го заврши со зборовите: „Како што рековте, Сочи е град кој е многу блиску до Турција“.
По средбата пред претставниците на медиумите, средбата продолжи зад затворени врати.
Оваа година, претседателите Ердоган и Путин 13 пати разговараа телефонски, а имаа 5 директни средби, вклучувајќи ја денешната во Сочи.