Erbil Başay
27 Ноември 2017•Ажурирај: 27 Ноември 2017
БЕРЛИН (АА) - По неуспешните коалициски средби меѓу Христијанско-социјалната унија (CDU/CSU), Слободната демократска партија (FDP) и движењето на Зелените, сѐ укажува на фактот дека во Германија повторно ќе се оди на голема коалиција меѓу Христијанско-социјалната унија и Социјалдемократската партија (SPD), кои во последните 4 години управуваа со Германија, пишува Anadolu Agency (AA).
На општите избори кои на 24 септември се одржаа во Германија, Социјалдемократската партија имаше сериозна загуба на гласови, постигнувајќи го најлошиот резултат во својата историја, поради што сакаше да остане во опозиција.
По ова, ЦДУ/ЦСУ, ФДП и Зелените се обидоа да формираат тројна коалиција во Германија.
Но, по средбите кои траеја 4,5 недели, не беше постигната посакуваната доверба, и ФДП ги напушти преговорите поради сериозно разидување во гледиштата по прашања кои се од голем интерес за земјата. Ова напуштање на коалициските преговори ја воведе Германија во коалициска криза која досега не била доживеана во земјата.
Во неизвесноста која веќе една недела трае во Германија, јавноста од една страна дискутира за тоа колкав е уделот на секоја од партиите одделно во раскинувањето на коалициските преговори, додека од друга страна, јавноста е фокусирана на изнаоѓање начин за надминување на настанатата криза.
Во јавноста се зборува за можностите „предвремени избори”, „малцинска влада” и за формирање „голема коалиција” меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД.
Претседателката на Христијанско-демократската унија (CDU), и канцелар на Германија, Ангела Меркел изјави дека не планира да формира малцинска влада, а по сѐ изгледа дека најверојатна опција во Германија откако СПД по изборите соопшти дека не сака да учествува во коалиција, се предвремени избори.
- Ангажман на претседателот Штајнмаер -
Во оваа фаза на преговорите се ангажираше и претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, кој покрај средбите со лидерите на ЦДУ/ЦСУ, ФПД и Зелените, оствари средба и со претседателот на СПД, Мартин Шулц.
Раководството на СПД одржа состанок на којшто беше направена процена на средбата Штајнмаер-Шулц. По состанокот кој траеше повеќе од 8 часа, СПД донесе заклучок дека ќе ги очекува наредните предлози на претседателот Штајнмаер и оти партијата нема да ги затвори вратите за можни преговори.
По ова соопштение на СПД, следеа коментари дека партијата оставила простор по првичната изјава дека не сакаат да учествуваат во голема коалиција.
- Лидерите ќе се сретнат со претседателот Штајнмаер -
По овој развој на настаните, очите на јавноста се вперени во претседателот Штајнмаер, канцеларката Меркел, Зихофер и Шулц, кои в четврток треба да одржат средба во претседателската палата Белви во Берлин.
Се дознава дека претседателот Штајнмаер на состанокот ќе разговара со лидерите на партиите, за нивните гледишта за формирање коалициска влада, без да се оди на предвремени избори.
Оваа средба меѓу политичките лидери предизвикува голем интерес во јавноста, која е во исчекување дали на средбата ќе биде изнајдено решение за постоечката криза.
За надминување на коалциската криза во Германија, во моментов како најсериозна опција се гледа кон формирање на голема коалиција меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД.
Ангела Меркел во периодот 2005/2009 и 2013/2017 раководеше со големата коалиција во Германија.