Vesna Besiç
30 Септември 2017•Ажурирај: 01 Октомври 2017
КОКС БАЗАР (AA) - Илјадници аракански муслимани, кои спасот од насилствата во Мјанмар го пронајдоа во градовите Кокс Базар и Текнаф во соседен Бангладеш, секојдневно водат битка за голо преживување, јавува Anadolu Agency (AA).
Привремените импровизирани бегалски кампови и шаторските населби го отежнуваат животот на араканските муслимани во бегство и многу од нив на различни начини се обидуваат да создадат подобри услови на децата кои се со нив.
Според податоците на УНИЦЕФ, во Бангладеш се наоѓаат повеќе од 250 илјади деца бегалци од Аракан. Меѓу нив се и 1822 деца без родителско старателство.
На фотографиите кои во камповите ги направи фоторепортерот на АА може да се видат деца кои се недоволо облечени и спијат на земја, во кал, мијат садови по јадењето ...
Некои од нив се приморани личната хигиена да ја извршуваат во валкана вода која поминува покрај импровизираните кампови.
Араканските муслимани, Рохинџите веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а веќе неколку недели се соочуваат со нов бран на насилство во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор за борба против вооружените милитанти, војската на Мјанмар во изминатите неколку дена сруши најмалку 200 муслимански села од кои стотици илјади жители беа приморани да избегаат во соседен Бангладеш.
Гласноговорничката на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалците (УНХЦР) Дунија Аслам Кан потврди дека по последниот бран на насилство во Аракан, од 25. август наваму, повеќе од 500 илјади Рохинџа муслимани преминаа во Бангладеш.