Agnes Szücs
19 Септември 2023•Ажурирај: 21 Септември 2023
БРИСЕЛ (АА) - Европската комисија денес предложи до март 2025 година да се продолжи статусот на привремена заштита за државјаните на Украина, кои поради војната ја напуштија својата земја, пренесува Анадолу.
Привремената заштита беше одобрена до март 2024 година и сега Комисијата предлага да се продолжи за уште една година, до март 2025 година.
„Европската комисија денеска му предлага на Советот на Европската Унија да ја продолжи привремената заштита за уште една година, од март 2024 до март 2025 година“, изјави портпаролката на Европската комисија за внатрешни работи Анита Хипер.
Таа додаде дека „Европа ќе биде со Украина сѐ додека е потребно“.
Официјалното соопштение е објавено откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатата недела во својот говор за состојбата на Унијата го претстави планот за продолжување на привремената заштита за украинските бегалци.
Земјите членки на ЕУ треба допрва да ги одобрат тие мерки.
Помалку од еден месец откако Русија започна војна против Украина на 24 февруари 2022 година, ЕУ одобри привремена заштита давајќи им на сите украински бегалци право на престој, образование, работа и социјална помош.
Според последните податоци на заводот за статистика на ЕУ, Евростат, околу 4,1 милион Украинци живеат во ЕУ под статус на привремена заштита.
Германија досега прими 1,15 милиони украински бегалци, Полска 971.000, а Чешка 357.000.