Murat Karadağ
07 Јуни 2017•Ажурирај: 07 Јуни 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Најмалку седум лица загинаа, а напаѓачите заробија најмалку четворица заложници за време на нападот што започна утринава во зградата на иранскиот Парламент во Техеран, јавува Anadolu Agency (AA).
Повикувајќи се на извештаите на новинарите во зградата на парламентот, иранската новинска агенција „Tasnim“ (Тасним) јавува дека нападот врз парламентот во земјата и понатаму трае, и дека во досегашните судири на напаѓачите и безбедносните сили загинале најмалку седум лица.
Напаѓачите како заложници држат најмалку четири лица.
„Tasnim“ објави и фотографија на која се гледа еден од заложниците на прозорецот од една просторија во која се наоѓаат напаѓачите, но иранските безбедносни институции сѐ уште не ги потврдија информациите објавени од страна на агенцијата.
Државните ирански медиуми објавија дека четворица напаѓачи утрово влегле во зградата на Парламентот и извршиле оружен напад, и дека иранските безбедносни сили спроведуваат акција за неутрализирање на напаѓачите.
Паралелно со тоа, вториот напад утрово се случи пред турбето на поранешниот ирански верски лидер ајатолах Хомеини, а иранските државни медиуми јавуваат дека станува збор за самоубиствен бомбашки напад.
Полицијата потврди дека и во двата напади има загинати. Досега е потврдено дека најмалку осум лица се повредени во нападот кај турбето на Хомеини, а две лица се повредени во парламентот.
Судирите во парламентот и понатаму траат, а блокиран е сообраќајот во поширокиот круг околу зградата на парламентот.