Cansu Dikme
07 Јуни 2017•Ажурирај: 08 Јуни 2017
АМАН (АА) - Јорданските власти ѝ се приклучија на Саудиска Арабија и на другите земји, и најавија деградација на дипломатските односи со Катар, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Владата на Јордан, Мухамед Момани, утрово соопшти дека блокадата на дипломатските односи со Катар има за цел јакнење на регионалната стабилност врз основа на усогласување на политиките на арапскиот свет.
Официјален Аман, исто така најави дека ќе ја укине лиценцата на телевизискиот канал „Al Jazeera“ (Ал Џезира).
Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Јемен и Египет во понеделникот ги прекинаa дипломатските односи со Катар, кој го обвинуваат за дестабилизација на регионот и поддршка на тероризмот. Вчера односите со Катар ги блокираа и Малдивите и Мавританија.
На чело со Саудиска Арабија, споменатите земји го блокираа и катарскиот воздушен простор, и им дадоа рок од 48 часа на катарските амбасадори да ја напуштат земјата.
Кризата во односите меѓу земјите од Заливот започна минатата недела кога непознати напаѓачи ја хакираа интернет страницата на катарската новинска агенција и објавија вести кои се однесуваат на емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази подготвеност да посредува во преговорите меѓу Катар и групата земји кои ги прекинаа односите со таа земја.
Катарските власти тврдат дека обвинувањата против земјата се неосновани и измислени, а шефот на катарската дипломатија, Мухамед бин Абдурахман ал-Тани, изјави дека Доха е подготвена за преговори.