Michael Hernandez
26 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес нареди изградба на ѕид долж границата на САД со Мексико, исполнувајќи го едно од клучните предизборни ветувања, како и ограничување на федералните фондови за градовите кои ги штитат мигрантите без документи од депортација, познати како " градови-заштитници", јавува Anadolu Agency (AA).
„Премногу долго на вашите установи и агенти не им е дозволено да ја вршат својата работа како што треба", изјави Трамп по потпишувањето на декретот во Одделот за домашна безбедност. „Сето тоа ќе се смени“, рече тој.
Декретот, додаде Трамп „ќе биде многу, многу добар за Мексико“.
Тој ги посочи поголемиот дел од мигрантите кои доаѓаат во САД од Централна Америка по нивниот транзит низ Мексико.
„Изградбата на граничниот ѕид ќе започне веднаш“, изјави Трамп.
Американскиот претседател во неколку наврати во текот на минатогодишната кампања вети дека ќе изгради ѕид, и рече дека Мексико ќе плати за неговата изградба.
Но, втората половина од ветувањето ќе се покаже дека е поголема пречка. Мексикански официјални лица постојано ја отфрлаат можноста од плаќање на изградбата.
Трамп рече дека американските даночни обврзници ќе платат за трошоците на ѕидот, но тие ќе бидат вратени од страна на Мексико.
Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието се очекува да се сретне со Трамп следната недела.
„На средбата ќе се говори и за блиската координација меѓу двете земји“, рече Трамп, вклучувајќи ја и војната на нарко картелите.
„Ние ќе се обидеме да спасиме животи од двете страни на границата", рече тој, додавајќи дека односите меѓу САД и Мексико ќе бидат значително подобрени за време на неговото претседателствување.
Трамп долго време тврдеше дека единствената физичка структура ќе биде ѕидот, а ги одбиваше предлозите дека тоа би можело да биде ограда, но Белата куќа, за новинарите соопшти дека тоа ќе биде голема физичка бариера, оставајќи ја отворена можноста за алтернативни решенија.
Како дел од декретот на Трамп, ќе биде и ангажирањето на 5.000 нови полицајци во граничната патрола, а Канцеларијата за имиграција и царина ќе биде тројно зголемена.