Ali Cura
26 Април 2016•Ажурирај: 27 Април 2016
КИЕВ (АА) - И по три децении од една од најголемите нуклеарни катастрофи, експлозијата во нуклеарната централа Чернобил, сè уште се гледаат трагите во градот Припјат, кои ги остави експлозијата, пишува Anadolu Agency (AA).
За несреќата која се случи на 26-ти април 1986 година и денес многу се зборува. Се очекува дека ризикот од ширење на радиоактивниот материјал ќе трае уште најмалку три децении.
Екипата на АА го посети подрачјето во близина на централата, како и напуштениот град Припјат. За влез во Чернобил потребни се посеби дозволи.

Просечната старост на лицата кои сè уште живеат во тој регион изнесува 80 години.
Иако подрачјето е изолирано и напуштено, кога ќе се приближите до централата, можно е да се види дека скоро три илјади луѓе работат на отстранување на ризикот од ширење на радиоактивниот материјал. Бидејќи ризикот од ширење на радијацијата во четвртиот реактор на централата сè уште постои. Активностите на целосното отстранување на ризикот течат интензивно, а се финансирани од 44 земји од светот.
Агенцијата за Чернобил и министерството за економија на Украина соопштија дека е отстранет радиоактивниот материјал и дека ризикот од радијација е намален за 10.000 пати. Но, за да би можеле луѓето да се вратата на 60 отсто од подрачјето во близина на Чернобил, ќе бидат потребни од три до шест децении.
Според одлуката на Парламентот на Украина, нуклеарната централа во целост ќе биде отстранета до 2065 година. Според програмата, во првата етапа која се реализираше во периодот од 2010 до 2013 година, се изнесени нуклеарните енергенти од централата. Во втората етапа, која ќе трае до 2022 година, ќе се работи на изолација на реакторот во кој дојде до експлозија и контрола на останатите реактори.

Во третата етапа, која ќе се одвива од 2022 до 2045 година, експертите ќе ја набљудуваат состојбата, односно нивото на радијација по изолацијата, за во последната фаза, планирана за период од 2045 до 2065 година, да дојде до рушење на централата и започнување активности за отстранување на остатоците.
Градот во којшто пред несреќата живееа работниците на централата и нивните фамилии и денес е град на духови. Во рок од неколку часа, ден по експлозијата, жителите се евакуирани а во градот сè уште постои ризик од радијација.

Напуштените згради кои се губат меѓу дрвјата на влезот во градот ги дочекуваат посетителите. Патиштата кои некогаш беа булевари, денес не постојат. Напуштените домови, јавните објекти, хотелите под влијание на природата се распаѓаат.
Туристичките тури се одвиваат под строги контролни и безбедносни мерки и под надзор на стручњаци. Влезот во зградите е забранет поради тоа што во нив сè уште има висок степен на радијација. На излезот од градот, и воопшто, од тоа подрачје, секој посетител е подложен на преглед за да се утврди дали бил изложен на радијација.

Директорот на Агенцијата за Чернобил, Виталиј Петрук, рече дека бројот на посетители на тоа подрачје расте од година во година. Минатата година подрачјето го посетиле 17.000 луѓе.
Несреќата во Чернобил многумина ја сметаат за многу поопасна од фрлањето на атомската бомба на Хирошима во Јапонија 1945 година.
Несреќата во нуклеарната централа во Чернобил се случи во четвртиот реактор. При експлозијата, покривот на централата тежок два тона одлета во воздух, поради што радиоактивен материјал од осум тони се измеша со атмосферата. Во несреќата на лице место загина 31 лице.

Властите на тогашниот Советски Сојуз се обидоа да ја прикријат несреќата, поради што населението од Припјат е евакуирано дури следниот ден. За три часа Припјат стана град на духови, а во следните неколку дена илјадници тони хемиски материјал е фрлен врз реакторот.
Отровниот гас кој се појави по експлозијата влијаеше и на земјите како Русија, Украина, Белорусија и дел од европските земји. Отровните облаци по десет дена стигнаа во САД, Канада и Јапонија.
Според податоците на Светската здравствена организација, 600.000 луѓе на подрачје од 30 километри од местото на несреќата биле изложени на висока доза на радијација.
Околу пет милиони луѓе во Украина, Белорусија и Русија живеат на подрачја на кој ризикот од радијација е висок.