Hale Türkeş
22 Мај 2018•Ажурирај: 22 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Бугарскиот претседател Румен Радев го поздрави потенцијалното вклучување на Русија во заживувањето на проектот за нуклеарната централа „Белене“ на реката Дунав, пренесува Anadolu Agency (AA).
Коментарите на бугарскиот претседател Радев дојдоа по состанокот со рускиот премиер Дмитриј Медведев во Москва, при неговата прва посета на земјата како претседател.
Бугарската Влада минатата недела одлучи да побара парламентарно одобрување за укинување на забраната за развој на проектот за Централата од 2.000 мегавати, кој беше напуштен во 2012 година, откако не успеа да привлече инвеститори.
Истакнувајќи дека разговорите за проектот „Белене“ продолжиле во Бугарија, бугарскиот претседател рече дека Русија ќе биде информирана за развојот на случувањата со нуклеарната централа, бидејќи „реанимацијата на проектот подразбира руско учество“, објави бугарската Новинска агенција БТА (BTA).
Радев истакна дека Русија отсекогаш била „стратешки партнер на полето на енергетиката“ за Бугарија како снабдувач со природен гас, нафта и нуклеарно гориво, и како учесник во одржувањето и надградбата на енергетските објекти, истакнува БТА.
Руската државна компанија „Атомстројекспорт“ доби Договор за изградба на Нуклеарната централа „Белене“ во 2008 година.
Бугарскиот претседател истакна дека за време на состанокот со Медведев, двајцата, исто така, разговарале и за можноста од директно снабдување со гас од Русија преку Црното Море, повикувајќи ги владите на двете земји да ја преиспитаат оваа можност.
Во декември 2014 година, Русија го откажа проектот за гасоводот „Јужен тек“, со кој ќе се пренесуваше руски природен гас во Бугарија под Црното Море, поради притисокот од ЕУ за време на украинската криза.
Во интервју за рускиот дневен весник „Комерсант“, објавено вчера, Радев изнесе повеќе детали за ова прашање, велејќи дека на Бугарија ѝ е потребна директна испорака на гас преку Црното Море, а таквиот гасовод нема да се разликува од предложениот „Северен тек II“ под Балтичкото Море, истакнува „Софија Глоуб“.