Ekipa
12 Март 2017•Ажурирај: 12 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската министерка за семејство и социјална политика, Фатма Бетул Сајан Каја се врати во Турција, откако синоќа под полициска придружба од Холандија е вратена во Германија, јавува Anadolu Agency (AA).
Каја од аеродромот Келн-Бон допатува во Истанбул со посебен авион, кој пристигна во Германија за да го врати во Турција турскиот министер за млади и спорт, Акиф Килич, кој престојува во посета на Берлин.
Министерката на истанбулскиот аеродром Ататурк ја пречекаа претставници предводени од претседателот на Регионалната канцеларија на Партијата за правда и развој (АК Парти) во Истанбул, Селим Темурџи.
Турската министерка за семејство и социјална политика Фатма Бетул Сајан Каја е вратена синоќа од Холандија во придружба на полицијата кон германската граница, по речиси петчасовно чекање пред конзулатот во Ротердам, а насобраните граѓани кои ѝ даваа поддршка беа растерани со употреба на сила.
Холандските власти вчера ги спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејство и социјална политика Фатма Бетул Сајан Каја во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во таа земја, како и средбите со турската заедница во Холандија.
Министерството за надворешни работи на Турција го осуди спречувањето на посетите и побара од холандскиот амбасадор во таа земја, кој во моментов е на одмор, одредено време да не се враќа на должност во Анкара. Амбасадата и конзулатот на Кралството Холандија во Анкара се затворени од безбедносни причини.
Холандската полиција во меѓувреме со употреба на сила ги растера насобраните граѓани кои протестираа против задржувањето на возилата на министерката Каја, но протестите на улиците низ Ротердам продолжија. Голем број граѓани се собраа и пред дипломатските претставништва на Кралството Холандија во Анкара и во Истанбул во знак на протест поради спречувањето на посетата на турските официјални лица во таа земја.