Ertuğrul Subaşı
12 Март 2017•Ажурирај: 12 Март 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим истакна дека забраната на турските министри да говорат на собири во Холандија е неприфатлива и дека ќе биде возвратено со наостри мерки, јавува Anadolu Agency (AA).
„Видливо е дека постојат проблеми во внатрешната политика на Холандија, изборите ќе се одржат на 14. месецов. Мислиме дека она што денес го доживеавме е ситуација предизвикана во потполност од внатрешната политика во Холандија. Но било какви да се причините, за нас тоа е неприфатливо и сигурно ќе биде возвратено во најостра мера“, порача Јилдирим во разговор за телевизискиот канал 24 ТВ.
Тој изјави дека Холандија не почитувала ниту едно правило на диплломатијата ниту покажала љубезност, и ги повика државјаните на Турција во Холандија да се повлечат од улиците, да бидат мирни и разумно да делуваат.
Јилдирим истакна дека најдобар одговор на холандските власти турскиот народ ќе даде на 16. април, кога во Турција ќе биде одржан референдум за сетот уставни измени.
Турскиот премиер повтори дека овие случувања во Холандија ќе имаат последици и дека ќе биде даден соодветен одговор.
Турската министерка за семејство и социјална политика, Фатма Бетул Сајан Каја, беше вратена во придружба на полицијата кон германската граница по речиси петчасовно чекање пред конзулатот во Ротердам, а насобраните граѓани кои ѝ пружаа поддршка се растерани со примена на сила.
Холандските власти вчера ги спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејство и социјална политика Фатма Бетул Сајан Каја во нивната посета на дипломатските претставништва на Турција во таа земја, како и средбите со турската заедница во Холандија.
Министерството за надворешни работи на Турција го осуди спречувањето на посетите и побара од холандскиот амбасадор во таа земја, кој во моментов е на одмор, одредено време да не се враќа на должност во Анкара. Амбасадата и конзулатот на Кралството Холандија во Анкара се затворени од безбедносни причини.
Холандската полиција во меѓувреме со употреба на сила ги растера насобраните граѓани кои протестираа против задржувањето на возилата на министерката Каја, но протестите на улиците низ Ротердам продолжија. Голем број граѓани се собраа и пред дипломатските претставништва на Кралството Холандија во Анкара и во Истанбул во знак на протест поради спречувањето на посетата на турските официјални лица во таа земја.